Фестивал КРИК
Деветтото издание на фестивалот за критичка култура КРИК завршува в сабота (26 октомври), со настанот насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“. Во партнерство со институтот „Гете“ во Скопје, „Контрапункт“ му го посветува денот на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод тристагодишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото ќе биде артикулирано во јавниот простор, социокултурно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ.
На одредни точки од прошетката низ градот публиката ќе има ексклузивна можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визијата на „Алембик“ (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг) и Рајнер Тоцке (Лајпциг). Прошетката ќе започне точно во 15.30 часот, пред Музејот на македонската борба за независност, и ќе трае до 17.30 часот.
Вториот дел од критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел-дискусијата што ќе се одржи во КСП центар „Јадро“, со почеток во 18.30 часот, со панелистите: Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска. Во завршницата на настанот ќе настапи нашиот исклучителен музичар Јордан Костов.
– Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено може да се применат на новите знаменитости воведени од „Скопје 2014“ и, воопшто, на клучните прашања што креираат еден јавен, критички, и општествен простор.
Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница. Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно во Македонија. Токму затоа, во фокусот ќе ги имаме „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет, и „естетиката на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион што се карактеризира со културен диверзитет. Со интегрирање на Кантовите императиви, кои ги нагласуваат слободата на самоопределување и улогата на разумот во етичките размислувања, имаме цел да ја нагласиме неопходноста од почитување на различностите и етичкиот третман на поединците во заедницата, додека се осврнуваме на комплексноста на урбаното планирање и културната политика. Се надеваме дека интердисциплинарниот и перформативен критички контекстуализиран настан „Низ патеките на (не)разумното“ ќе послужи како платформа што ќе се застапува за враќање и ревитализација на јавните простори на начин што го почитува индивидуалното достоинство и промовира заедничка цел. Придружете ни се за збогатена размена, која поттикнува активно вклучување во заедничката одговорност за негување на нашите колективни средини – велат организаторите.