Промовирана книгата „Од Климента до Блажета“ на Свето Стаменов, несомнено еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, универзитетска професорка во пензија и позната македонска книжевна историчарка и теоретичарка.
Книгата „Од Климента до Блажета“ се состои од три дела. Првиот дел содржи 12 радиоинтервјуа што Свето Стаменов ги реализира со Вера Стојчевска-Антиќ во рамките на авторскиот проект „Quo vadis“ и на редовната попладневна програма „Актуелно“ на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2016 до 2021 година. Повеќето интервјуа беа реализирани во рамките на одбележувањето јубилејни годишнини на најзначајните личности на македонската култура воопшто. Така, интервјуата „Големиот учител свети Климент Охридски“ и „За претходниците на Крсте Петков Мисирков“ беа реализирани по повод 1.100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски и 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков (2016); интервјуата „Професорот за мене сè уште е жив“ и „Мисирков и Конески – нашите македонски меѓници“, пак, беа реализирани во рамките на серијалот посветен на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески (2021), а интервјуто „Книга која го стави македонскиот литературен јазик на светската јазична мапа“, пак, по повод 65-годишнината од излегувањето на светски познатата „Граматика на македонскиот литературен јазик“ на англиски јазик на харвардскиот професор Хорас Лант. Другите интервјуа, пак, беа посветени на објавувањето на најновите книги на професорката Вера Стојчевска-Антиќ.
Вториот дел на книгата ги содржи македонистичките разговори на професорката Стојчевска-Антиќ со неколкумина истакнати странски македонисти – нејзини колеги: Нуло Миниси, Олга Панкина, Јан Соколовски, Волф Ошлис и Лех Мјодински.
Третиот дел, пак, симболично насловен „Поглед врз една плодна соработка“, е своевиден преглед на повеќегодишната повеќе од успешна соработка меѓу авторите на оваа книга и ги содржи рецензиите на професорката Вера Стојчевска-Антиќ за книгите на Свето Стаменов.