Покрај светските фестивали и покрај наградите, сакам да ги видам македонските кина полни кога се прикажуваат македонски филмови. На тој начин му помагаме на филмот, им даваме поддршка на нашите уметници и знаеме што се продуцира на наше тло, вели Лазаревски

Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм

Ехото од македонскиот филм одекна силно и проструи низ голем број реномирани фестивалски манифестации. Освоени филмски награди, номинации, светски премиери… Годинава се покажа повеќе од успешна за македонскиот филм. Со каква листа од достигнувања и награди можеме да се пофалиме разговараме со Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.
– Имавме светски премиери во Венеција, Токио, Каиро, Талин, но и на други помали фестивали, годинава навистина можеме да се пофалиме со успешна серија фестивалски учества и награди и 2022-та ја заклучуваме со повеќе од 250 фестивалски учества и над 70 освоени награди, што особено ме радува.
Ова е несомнено индикатор за квалитетот на филмовите и авторите што се препознаени и поддржани од Агенцијата за филм и кои го предводат меѓународното претставување преку освојување признанија и афирмација на македонската кинематографија на голем број филмски фестивали. Драго ми е што квалитетот секогаш успева да исплива на површина и што успеваме да одржиме континуитет во сите сегменти на дејноста. Би заклучил дека, и покрај бурниот период изминатите години, кој ни го донесе здравствената криза, 2022-та ја испративме како уште една исклучителна година на македонскиот филм – истакнува Бојан Лазаревски.

На што му го припишувате фестивалскиот успех на македонските филмови на светските фестивали?
– Упорност, адаптибилност и умешност да се препознае квалитет. Да работиш со филм во нашата земја и притоа да се носиш рамо до рамо со светски истакнати и докажани автори од целиот свет навистина заслужува пофалба, особено со оглед на фактот што доаѓаме од мала кинематографија.
Фестивалите се одлична алатка и платформа за промоција на филмовите и имаат уникатна карактеристика на едно место да соберат широк спектар публика, овозможувајќи им на тој начин на авторите да ги споделат и прикажат своите дела и креативни идеи. Еден фестивал добива десетици, стотици пријави на филмови годишно и самото тоа што еден филм успева да го мине тој филтер и да влезе во фестивалска програма е огромен успех.
Кои филмови ја обележија годинава и имаат најголеми достигнувања на интернационалните фестивали?
– Од филмовите што несомнено ја одбележија годината, неизбежно е да се спомене „Најсреќниот човек на светот“, во режија на Теона Стругар Митевска, кој беше прикажан во програмата „Хоризонти“ на Филмскиот фестивал во Венеција, зад себе има веќе десетици фестивалски учества и е официјален македонски кандидат за „оскар“, дебитантското остварување „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова, кој својата светска премиера ја доживеа на фестивалот во Каиро, како и „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој беше премиерно прикажан на фестивалот во Токио, најголемиот фестивал во Азија.
Од краткометражните, би ги издвоил последните успеси на „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска, кој својата интернационална премиера ја имаше на фестивалот за краток филм „ПОФФ шортс“ (PÖFF Shorts), кој е дел од фестивалот „Блек најт филм фестивал – ПОФФ“ во Талин, Естонија, додека „Проблемот на Тина“, во режија на Радован Петровиќ, беше прикажан на фестивалот „Лес аркс“.
Филмот стана вистински амбасадор на Македонија. Свесни ли сме како држава за успесите на филмските уметници?
– Филмот претставува сложена уметност, обележје на времињата и околностите во кои живееме, и сегашните и минатите. Филмот е, би рекол, најпопуларна уметничка форма и алатка за општествени промени – филмовите се важни за општеството затоа што ја одразуваат културата, ја менуваат културата и го поттикнуваат економскиот раст. Македонскиот филм е веќе препознатлива категорија и успесите од изминативе години покажуваат дека ние сме на добар пат да го откриеме рецептот за одржување континуиран квалитет во поглед на проектите што се поддржуваат и не претставуваат во нашата земја и надвор од нејзините граници. Македонската публика покажа дека сака да гледа македонски филмови, но потребни се интензивна стратегија и инфраструктура што би им овозможила на сите еднакви можности да го проследат најновото и најдоброто од она што можеме да го понудиме ние како дејност. За да го оствариме тоа, потребно е да се најдат начини да се стимулира инвестирањето не само во продукција туку и во филмска промоција.
Агенцијата за филм поддржува и млади автори и докажани имиња… Каков поттик и ветер во грбот сакате да им бидете на филмаџиите?
– Агенцијата за филм, како единствена институција од ваков вид во државата, се грижи за континуирана поддршка и развој на филмската индустрија.
Одржувањето и поттикнувањето на овој продуктивен и квалитетен циклус на македонскиот филм се приоритет, заедно со воспоставувањето и поддршката на новиот македонски филмски бран, кој го сочинуваат дебитантите и младите автори, како и веќе етаблираните имиња што имаат развиено свој карактеристичен креативен израз.
И покрај тешкотиите со кои се соочуваме во однос на намалениот буџет, се трудиме примарните активности на Агенцијата да се одвиваат непречено, насочени кон континуирана поддршка на производството на филмови од национален интерес во филмската индустрија, меѓународни копродукции, грижа за унапредување стручен кадар и сл. Искрено се надевам дека и во иднина ќе продолжиме во нагорна линија на развој и поддршка на креативни, свежи и оригинални проекти.
Потребен ли е поголем буџет за стимул на македонскиот филм?
– Филмот е скапа мултимедиумска уметност, а да не заборавиме дека квантитетот носи квалитет и дека треба да се снима, да се експериментира, младите треба да имаат можност да се изразат, а сето тоа нема да може ако бидеме ограничени на неколку филма годишно. Од друга страна, филмот треба да е независен, никој да не диктира и ограничува теми и контексти. Сепак, огромно е влијанието што може да го изврши еден филм и затоа секогаш ќе се борам за подобри услови и поголем буџет.
Кои се вашите аспирации, проекции за следната година?
– Покрај светските фестивали, покрај наградите, сакам да ги видам македонските кина полни кога се прикажуваат македонски филмови. На тој начин му помагаме на филмот, им даваме поддршка на нашите уметници и знаеме што се продуцира на наше тло.