Збирката куси раскази „И во овој град се случуваат чуда“ од Тијана Милиќ објавена деновиве, чудесно го води читателот низ дваесетина и нешто наслови што истовремено може да се сфатат и како раскази, но и како глави од еден кус роман.
– Зачудува вештината на авторката како го води читателот, или дејството, од приказна во приказна, сместени во само шест дена, колку што трае еден туристички разглед на нејзиниот град, на „дестинацијата без море“, но со сидро. Нејзиното Скопје по тие шест дена не е веќе само нејзино туку и на туристите што катадневно ги води според една мошне оригинална туристичка тура. Дури и да сте скопјанец, откако ќе ја прочитате книгава, ќе посакате да го прошетате градот, иако мислите дека го познавате. Но низ очите на Тијана Милиќ, Скопје е град со душа и „ниедна прошетка“ низ него веќе нема да биде иста. „И во овој град се случуваат чуда“ е книга од љубов, но и за љубов. Сеедно кон кого – пишува Лилјана Пандева.
Тијана Милиќ активно пишува од својата деветта година, учествувајќи на многу конкурси за детско творештво. Освојувајќи прво место на еден конкурс во Битола, ја издава својата прва книга „Животот во моја кожа“ во 2011 г., по што следува и објавата во двојазичната збирка „Гласови“, издадена на македонски и на грчки јазик. Во 2014 г. ја издава и својата втора книга, збирката раскази „Само љубов“.