Во издание на „Бата прес“ е објавен романот „Сивиот човек“ од славниот американски автор на шпионски трилери Марк Грини. Книгата од англиски на македонски јазик ја преведе Александра Златановска. Станува збор за дело што предизвика неверојатен интерес и има огромен успех. Според „Сивиот човек“ е снимен и истоимениот филм, за кој компанијата „Нетфликс“ го одвои најголемиот буџет досега: двесте милиони долари. Исто така, „Сивиот човек“ ги надмина сите претходни филмови и е најгледаниот филм во историјата на исклучително популарната платформа „Нетфликс“.
Првата медиумска и продажна претпромоција македонското издание ќе ја има деновиве во книжарниците и маркетите низ државата, а главната промоција се очекува на Саемот на книгата во Скопје.
Приказната се одвива во повеќе земји и на повеќе континенти, а главниот лик, поранешниот американски разузнавач и неверојатен професионален убиец Корт Гентри е познат во мистериозниот свет на длабоката држава, највисоките разузнавачки, политички и мафијашки кругови. Тој секогаш е подготвен за акција и постигнува невозможни цели. Но тој наидува на моќни и богати противници од сите страни на светот. Во приказната за противници има агенти и професионални убијци од Иран, Сирија, Украина, САД, Јужна Кореја, Франција, Албанија, Нигерија, Англија… Сите сакаат да го елиминираат.
„Приказната е возбудлива, а убиствата се толку експлозивни, што при вртењето на страниците, ни остава чувство како да играме некоја врвна видеоигра“, пишува „Њујорк тајмс“ за ова исклучително дело.
„Еден брз, забавен трилер… Со неверојатна моќ на преживување, Сивиот човек ги избегнува тимовите од убијци и смртоносните стапици, а читателот не може а да не навива за овој неверојатен херој“, бележи познатата „Паблишер викли“ во рецензијата за книгата.
– Грини успева да направи оваа приказна за една одмазда да остане крвава до самиот крај. Додека најмениот убиец, познат како Сивиот човек, се обидува да дојде до богатиот аристократ што се осмелил да го предаде, успева да убие цела армија од обучени убијци во Прага, Цирих, Париз и подалеку. Сивиот човек блеска како нож изваден во некоја темна уличка – пишува Дејвид Стоун, автор на книгата „Директивата Скорпион“
„Овој дебитантски роман е како добро наострен нож: безмилосен и смртоносен. Сивиот човек на Марк Грини е Борн за новиот милениум…“, пишува Џејмс Ролинс, автор на книгата „Окото на бога“. Авторот Марк Грини (1967) досега има објавено 12 трилери во серијалот за „Сивиот човек“. Додека ги пишувал романите, заради истражување подетални информации, многу често патувал во различни држави низ светот, го посетувал Пентагон, воени бази и многу разузнавачки агенции во Вашингтон и дури тренирал со војската за да ги истражи оружјата и воените тактики.