Александра Мириќ изложува во МКЦ

Изложбата „Љубов“ на Александра Мириќ ќе биде отворена утревечер, во Младинскиот културен центар, а за посетителите ќе биде достапна до 28 февруари.
– Има повеќе љубов отколку време. Љубовта најдобро расте со бакнежи и со нежност. Кон светот, но и кон себе – посочува авторката.
Делата од изложбата настанале како резултат од истражувањето на позитивниот и негативниот простор, на позитивните и негативните емоции на воздржани и невоздржани постапки.
– Заднината на секоја слика е слика за себе, експресивна, нова идеја невоздржана од целта или од крајниот резултат. Таа е претстава на интимниот живот, мисли, чувства, која не ја допираат стегите на туѓите очекувања. Лицето на сликата, лицето што ѝ го претставуваме на јавноста ја содржи формата, содржината екстрахирана од интимата. Лицето елиминира еден нејзин дел, го манифестира само она што опкружувањето е подготвено да го прифати, слушне, види во стегите на општествената прифатливост, кои некогаш нè чуваат, некогаш го извлекуваат најдоброто од нас, а некогаш нè воздржуваат. Уметноста, на крајот од нештата, дава можност позитивниот и негативниот простор, интимата и јавното во секого од нас да се сретнат, испреплетат, влијаат едно врз друго и коегзистираат во (не)промисленa хармонија – пишува во најавата на изложбата.
Александра Мириќ е архитектка конзерватор. Валоризацијата на градителското наследство ја проучувала на Универзитетот во Прованса, Франција.
Со докторат по архитектура се стекнала на Универзитетот во Ниш, Србија, а со докторат по aрхеологија на универзитетот „Лион 2“ во Франција. Како самостојна истражувачка е посветена на проучувањето, презентацијата и промоцијата на светското културно наследство и локалните традиции, добитничка е на голем број награди за извонредни придонеси во развојот на науката и културата.
Со самостојни изложби се претставила во Ниш (2010, 2015, 2018, 2019), Ќуприја (2018), Париз (2017), Скопје (2017) и учествувала во повеќе десетици групни изложби и меѓународни ликовни колонии. Нејзините слики се наоѓаат во приватни и јавни збирки во Србија и во странство. На единствениот српски ликовен конкурс посветен на надреализмот, „Во чест на Матиќ“, нејзината слика „Светците што маршираат“ е наградена со прва награда во 2017 година.