ПО 58. ПАТ МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ОД 7 ДО 14 ЈУНИ ВО ПРИЛЕП
Единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма се селектирани за 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, кој годинава ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. Собранието на фестивалот одлучи наградите за животно дело да ги добијат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.
„Ново читање“ е насловот на програмата на фестивалот по избор на уметничката директорка Ана Стојаноска.
– Иницијалната позиција од која почна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава што е во контекст со годинешниот автор во фокус Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес. Мотото на фестивалот е „Промени се, промени сè“. Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во продукцијата беа повеќе камерните или „мали“ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на ова издание на фестивалот. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како да ѝ недостига сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена, која се надевам ќе ја иницира фестивалот годинава – рече Стојаноска и додаде дека „промената е најблиската потрага по сопствениот креативен потенцијал. Таа е првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации.
Концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Ново читање на драмите од авторот во фокус Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.
Во потпрограмата „Ново читање на драмите од авторот на фокус Горан Стефановски“ се селектирани: „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп; „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албанскиот театар од Скопје, „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, и „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ од Струмица.
Во „Ново читање на класиците“ го гледаме авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов замав во третирањето на театарот. Во оваа програма се претставите: .„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмскиот театар од Скопје; „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на ЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес; .„Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар; „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турскиот театар од Скопје; „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народниот театар од Битола; „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на „Театар комедија“, и „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театарот за деца и младинци од Скопје.
Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави што се во контекст на концептот на комплетната селекција. Тука се .„Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на театарот „Златен Елец“; „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на „Моушн Нетворк“ и НТ Штип; „Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје; .„Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна; „Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и Хибрид, и „Арт“ од Јасмина Реза, дипломска претстава на студентите по актерска игра од класата на проф. Дејан Пројковски, Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје.
Фестивалот ќе биде отворен со настан во чест на добитниците на наградата за животно дело, кој ќе се одржи во Центарот за култура, а потоа ќе следува изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмскиот театар.
– И годинава сакаме Прилеп да биде град театар, ќе има уште фестивалски зони што ќе ги откриваме постепено. Им се заблагодарувам на сите што го помагаат фестивалот – рече Стојаноска.
За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на авторот во фокус Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.
Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, за читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, за следење на фестивал што ќе ја води тимот на „Умно.мк“, работилница за тело – говор – простор што ќе ја води Искра Шукарова и работилница за костимографија што ќе ја води Александар Ношпал. Повиците за учество на овие работилници ќе бидат објавени наскоро. Ќе бидат одржани промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори. Ќе бидат активни сите фестивалски зони како минатата година, а ќе има и некои нови, кои ќе ги откриваме постепено во текот на следните денови на фестивалот.
За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево, и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.