Доделени наградите на „Флипбук филм -фестивал“
На петтото издание на „Флипбук филм-фестивал“, кој се одржa од 8 до 11 август во Кинотеката на Македонија, беа прикажани близу сто филма во главната, студентската, селекцијата на анимиран документарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.
Жирито на главната и селекцијата на анимиран документарен филм, во состав Никица Гилиќ од Хрватска, Андријана Ружиќ од Србија и Влатко Галевски од Македонија, наградата за најдобар филм во главната селекција му ја додели на филмот „Три птици“ на словенечката режисерка Зарја Менарт, а специјално признание му припадна на филмот „Фустан за финале“ на хрватската режисерка Мартина Мештровиќ.
Во селекцијата на анимирани документарци главната награда ја доби „Дали е сега време да те оставам“ на Тајванката Ји Чин Цаи, а специјалното признание го доби португалскиот филм „Перцебес“ на Александра Рамирез и Лаура Гончалвес. Жирито на студентските филмови и анимираните музички спотови, во состав Гала Фрекон од Франција, Ана Опачиќ од Хрватска и Никола Радуловиќ од Македонија, наградата за најдобар студентски филм му ја додели на грузискиот „Румените образи на Маро“ на Маријам Жорданија, а двете специјални признанија отидоа кај „Адама“ на Дан Макс Ницан Мејер и „Закачена на илузии“ на Лаура Изабел Шнајдер.
Наградата за најдобар анимиран музички спот ја доби „Добитник“ на Капусин Гугле и Капусин Мулер, а специјалните признанија ги добија „Чао бела“ на македонскиот автор Александар Ристески и „Кучето Даги“ на Џереми Булар и Пол Буржоа. Наградата за најдобар филм со еколошка порака, која секоја година ја доделува организацијата „Екосвест“, ја доби филмот „Чекање“ на Вокер Шлехт.