Исклучително успешна мисија оствари 14-то Патувачко кино на „Македокс“ оваа година. На проекциите беа присутни над 900 посетители во осумте населени места во двата реона, а како преднастан имаше проекција и покрај реката Бабуна во близината на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“. Од оваа година Патувачкото кино почна и со новата програмска активност за собирање мемориска граѓа од постарите жители во посетените села.
Проекцијата на документарни филмови во Горно Оризари, со над 350 присутни посетители, беше круна на активностите во областа Азот во велешкиот реон. На последната вечер, премиерно беше прикажан документарниот филм „Историјата на Оризари“ во продукција на здружението на граѓани „Гласот на Оризари“. Филмот ја прикажува преселбата на Санџаклиите во селото Горно Оризари со изјави од постарите жители на селото, но и со вклучување на помладите генерации, кои зборуваат за животот во населбата. Сценариото на филмот е на Семир Алимов, монтажата на Елмин Каришиќ, а наратор е Енвер Карталовиќ.
Патувачкото кино на „Македокс“ годинава се одржа во светиниколскиот реон, а продолжи во велешкиот реон. Филмската проекција во селото Теово на 15 септември беше реализирана во два сегмента. Како новитет во програмата на Патувачкото кино во првиот сегмент беа промовирани осум видеоспота направени на песни од музичкиот албум „Вознесено“ на бардот на македонската и бившојугословенската музичка сцена Горан Таневски, поранешен вокал на култната група „Мизар“.
– Со истата возбуда со која ги следите проекциите на Патувачкото кино имаме уникатна можност да ги проследиме и видеоостварувањата за песните на Горан Таневски, чиј длабок вокал остави силни траги во македонската музичка историја. Со албумот „Вознесено“ тој испраќа порака дека секој уметник и секој човек треба да настојува секогаш да се издигнува себеси барем едно ниво повеќе од тоа што е и на тој начин да го даде својот креативен придонес на светот и на векот – рече новинарот Тони Димков на промоцијата.
Во музички стил, во вториот сегмент на проекцијата во Теово беше прикажан креативниот документарен филм „Мојот превртен свет“ на режисерката Петра Селишкар и кинематограферот Бранд Ферро. С.Ј.