Новиот проект на Националниот џез-оркестар носи наслов „Џез-лектира“ и претставува навраќање на бигбенд-ерата, позната и како ера на свингот. Овој период претставува значаен период од музичката историја во кој популарната музика во САД доживува своевидна трансформација. Големи ансамбли, пишани аранжмани што се истакнуваат наспроти спонтаните солирања, доминација на свинг-ритамот, наплив на иновативни композитори, се дел од карактеристиките на оваа ера, која го доживува својот врв во периодот од 1930-тите до средината на 1940-тите години.
Во тој период се истакнува една група музичари, кои како лидери на своите биг-бендови прават вистинска револуција во џез-музиката во тој период. Меѓу најважните имиња во бигбенд-ерата се вбројуваат Дjук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер и, секако, Каунт Бејси. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси, е американски џез-пијанист, органист, водач на бенд и композитор, кој е познат и како кралот на свингот. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група речиси 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор-саксофони, нагласување на ритам-секцијата, рифови во бигбенд-композиции, аранжери за дополнително проширување на бигбенд-звукот и слично.
– Многу светски познати музичари доаѓаат до израз токму во овој биг-бенд, вбројувајќи ги тенор-саксофонистите Лестер Јанг и Хершел Еванс, гитаристот Фреди Грин, трубачите Бак Клејтон и Хари Свитс Едисон, тромбонистот Ал Греј и пејачите Џими Рашинг, Хелен Хумес, Телма Карпентер и Џо Вилијамс. На концертот „Џез-лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на биг-бендот „Каунт Бејси“, како и на соработката со современата американска џез-пејачка и пијанистка Дајан Шур, меѓу другото добитничка на две награди „греми“ за најдобра џез-пејачка во 1986 и во 1987 година. По тој повод, специјална гостинка на концертот е Марија Димитријевиќ, една од најдобрите женски џез-пејачки на овие простори – велат организаторите.
Концертот ќе се одржи на 16 март, во 20 часот, во салата на МНТ.