Фестивалот „Охридско лето“ вечерва носи „Музички времеплов“ на кларинетистот Андрија Минчиќ кој ќе настапи заедно со Тадија Минчиќ на фагот и во соработка со пијанистот Никола Цветковиќ.

Концертот на српските уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот. Андрија Минчиќ дипломира во класата на проф. Анте Гргин, а потоа специјализира камерна музика на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како солист настапува на преку 200 концерти во земјата и во странство и тоа во Шпанија, Грција, Бугарија, Швајцарија, Велика Британија, Холандија, Франција, Турција, Катар, Португалија и Канада во некои од најпознатите сали во овие земји, како што се: „Концертгебау“ во Амстердам, „Палата на музиката“ и театарот во Барселона, „Тонхале“ во Цирих, „Аудиторио“ во Мадрид и др. Носител е на стипендија доделена од градот Ниш и на повеќе градски награди од областа на културата и уметноста. Во март 2013 година ја започнува педагошката кариера како доцент на одделот за дувачки инструменти на Факултетот за уметности во Ниш каде предава кларинет и група други предмети. Како саксофонист свири повеќе различни жанрови: џез, фанк, поп, електронска музика, а член е на Нишкиот Биг Бенд оркестар и други ансамбли.

Тадија Минчиќ е роден во 1990 година во Ниш и започнува да учи фагот со проф. Мирко Исаески (ФМУ Белград) а дипломира и магистрира во класата на проф. Еберхард Маршал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Минхен. За време на студиите добитник е на 12 први награди на различни национални и интернационални натпревари и остварува солистички настапи со Симфонискиот оркестар од Ниш и со Камерниот оркестар од Солун. Од 2021 година тој е ангажиран како прв соло-фаготист на Симфонискиот оркестар на РТС во Србија како и во Филхармонијата во Дортмунд.

Пијанистот Никола Цветковиќ дипломира и магистрира на Факултетот за уметности во Ниш во 2013 година. За време на студиите учествува на бројни натпревари во земјата. Како соло уметник и камерен музичар настапува во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Белгија, Полска, Чешка, Словенија, Португалија, Русија, Канада, Катар, Украина и Летонија. Во 2017 година со дозвола на шведскиот бенд „Кататонија“, тој го издава албумот „Цветковиќ свири Кататонија – колекција на песни за соло пијано“ по што добива одличен одзив од почитувачите на нивната музика од целиот свет.