Посети го музејот

Музејско-културниот центар „Лапидариум“ во Охрид е прв од ваков вид во Македонија. Овој објект е лоциран и вклопен во постојните висински разлики на просторот од западното двориште на Куќата на Робевци, во дворното место на зградата во која бил формиран (односно обновен) музејот во Охрид.
Намената и функцијата на музејско-културниот центар „Лапидариум“ се проектирани екстериерно и ентериерно, делумно како вистински лапидариум, каде што се презентираат епиграфски споменици и други оригинални артефакти. Архитектонскиот изглед е целосно вклопен во околниот музејски простор, со вградени и поставени оригинални камени и мермерни елементи што му припаѓаат на античкиот и ранохристијанскиот период.
Ентериерниот простор е опремен со современи елементи за да служи како центар за презентација и продажба на пропаганден и стручен публикуван музејски материјал и презентација на значајни и атрактивни сувенирски предмети изработени како копии од оригинални археолошки, етнолошки, нумизматички и други видови уметнички предмети.
Музејско-културниот центар овозможува и организирање на други културни настани (изложби под ведро небо, камерни, музички или драмски претстави, монодрами, рецитали и др.).