Фото: Приватна архива

По големиот скопски концерт што се случи на 11 јуни 2022 година во арената „Борис Трајковски“, по што следеа неколку концертни настапи низ Македонија, легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ со новиот сингл „За тебе“ најавува нов албум и концертна активност во наредниот период. Раритет е тоа што ова е прв снимен сингл на групата по цели 30 години.

На радост на обожавателите, кои и останаа верни на „Меморија“, сите овие години, „Нена“, „Оган под ѕвездите“, „Одам засекогаш“, „Снежана“, „Дирлада“ и останатата дузина хитови наскоро ќе бидат надополнети со нов репертоар.

Имено, бендот веќе го подготвува новиот материјал кој ќе се најде на нивноиот претстоен албум кој ќе излезе во декември. Дотогаш групата планира да издаде уште неколку синглови.

Инаку, „Меморија“ има нов гитарист, тоа е прилепчанецот Рубин Димкоски , кој членуваше во групата „Д Фор“ (The Four), Toj ги oтсвири сите гитарски делници во баладата „За тебе“.

Комплетен автор на песната е лидерот на бендот Петар Георгиевски – Камиказа (музика, текст и аранжман), а песната е снимена во студиото „Тра – ла -ла“ на Мите Димовски. Дел од новите песни ќе ги напишат останатите членови на групата. Се снима дует на Ристо Самарџиев и Апостол Икономов – Поце, па следи песна со Ристо Самарџиев со наслов „Мој народе“. Од стариот состав освен Петар Георгиевски – Камиказа на бас, остана и тапанарот Сашо Ангелов , а зад клавијатурите ќе биде Давор Јордановски, кој и се приклучи на групата пред две години.

Голем скопски концерт на „Меморија“ се најавува за наесен, поточно на 16 ноември, исто така во арената „Борис Трајковски“, на кој ќе бидат концертно промовирани новите песни, но и повторно отсвирени најголемите хитови на бендот.

На 1 јуни „Меморија“ ќе одржи концерт во Штип, на уште еден за неа култен простор, познатиот „Дом на млади, за кој, според организаторите владее голем интерес.

М.Т.