Македонија по многу години се враќа на Венецискиот филмски фестивал, со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска. Ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција, по речиси триесет години.
По успехот на „Пред дождот“, Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ да го отвори фестивалот. Конечно, по долго време, повторно имаме филм во Венеција, овој пат во програмата „Хоризонти“, каде што филмот ќе се натпреварува за низа награди за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм што всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризирано со снајперски истрели, со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесетгодишна жена што се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата се поддржани од Агенцијата за филм, „Криејтив Јуроп – медиа“, „Еуримаж“, Данскиот филмски институт, „Белџиум такс шелтер“, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Подготвил: Даниел Варбанов