Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ и пијанистката Ема Попивода ќе настапат на интернационалниот фестивал „КоторАрт“
во Црна Гора

На 30 јули, македонскиот камерен оркестар „Профундис“ заедно со виртуозната пијанистка Ема Попивода како солист ќе настапи на интернационалниот музички фестивал „КоторАрт“ во Котор, Црна Гора. Ова е уште едно во низата интернационални гостувања на „Профундис“ ова лето, по спектакуларниот настап на сцената на престижниот фестивал „Раванелиус“ во Србија.
– Навистина сме среќни што ја имаме честа да го споделиме нашето музичко творење со публиката во Црна Гора. Фестивалот „КоторАрт“ ги спојува најпрестижните уметници, како од регионот така и од светот, и важи за фестивал со реноме, па затоа поканата да бидеме дел од официјалната програма претставува вистинска чест и задоволство и несомнено значаен момент во нашата уметничка кариера – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка и диригентка на „Профундис“.
Фестивалот „КоторАрт“ со своето 21-годишно постоење се смета за еден од најголемите и најзначајни фестивали на уметноста во Црна Гора и регионот. Секоја година фестивалот е домаќин на впечатлив број меѓународни уметници, а со над 200 програми на различни локации во Котор и заливот Бока Которска привлекува милиони посетители, со што е еден од најпосетуваните фестивали во регионот.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав што постои веќе четири години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Македонија, Националната опера и балет и Националната филхармонија. В.Д.