По повод одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, а во рамките на проектот „Скопје во пет и седумнаесет“, во Музејот на современата уметност е отворена дигиталната изложба на Државниот архив, „Подемот и падот на Скопје“. Изложбата на Државниот архив, преку 300 фотографии и документи видени низ објективот на Киро Горгиевски, тогашен хроничар и официјален фотограф во Градското собрание, дава жива слика за уништувањето, закрепнувањето и обновувањето на градот по земјотресот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на изложбата, во присуство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, претставници на дипломатскиот кор, како и голем број личности од јавниот и од политичкиот живот, изрази благодарност до сите за чувањето на споменот за Скопје и на трагичниот 26 јули 1963. Како што рече таа, Скопје тогаш почувствува многу пријателство и љубов од целиот свет, а за тоа е потврда и објектот на Музејот на современата уметност.
– Со љубов за Скопје и за скопјани, овој прекрасен објект, храмот на современата уметност, подарено здание од пријателскиот народ на Полска за пријателите од Скопје, е дом и на подарените дела од земјите од Вишеградската група, како и на дела од уметници од целиот свет – рече министерката за култура.
На отворањето на изложбата, присутните ги поздрави и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
– Она што е вредна поука од трагичноста на земјотресот е дека најважно од сѐ е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани, а во исто време, отворени кон новата урбаност и новите идеи за да креираме амбиент за живеење во кој ќе бидеме слободни и почитувани – рече Пендаровски.
Амбасадорот на Полска во земјава, Кшиштов Гжелчик, од името на дипломатскиот кор истакна дека планот за реконструкција на Скопје е еден од најсветлите примери на меѓународна соработка.
– Обединетите нации создадоа посебна програма за обнова на Скопје, предводена од полскиот архитект Адолф Циборовски, а архитекти и урбанисти, како Станислав Јанковски и Кензо Танге, ги обликуваа и ги поставија насоките за развојот на Скопје во следните децении – рече амбасадорот.
Посетителите во Музејот на современата уметност, освен изложбата „Подемот и падот на Скопје“ на Државниот архив, имаа можност да проследат и видеопроекции од Кинотеката на Македонија, како и да ги погледнат делата од изложбата „Дефрагментација“ на земјите од Вишеградската група.