„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Таласа“ од романскиот писател Александру Македонски, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. Александру А. Македонски (1854 – 1920) е романски поет, прозаист, драматург и публицист од македонско потекло, често споменуван како најпознат и највлијателен романски поет по Михај Еминеску. Наречен е поет на рондели, црпејќи инспирација од француската литература. Тој бил првиот претставник на симболизмот во романската литература и предвесник на локалната модернистичка литература, првиот локален автор што употребил слободен стих.
– „Таласа“ е роман што наликува на идила како пасторалата од античко време „Дафне и Хлоја“ од Лонг и која кореспондира со античките митски времиња, но измешана со елементи на вдахновена лирска инспирација и со модерни процеси и состојби. Александру Македонски го извел овој роман во стил на прозна песна и во манир на симболите на старата поезија, но и со филозофски пев. „Таласа“ врзува многу нишки од изворите на старата и новата култура и е сложено дело со многу длабински слоеви и во кое херојот е трагичен лик и симбол од драмата на идеализмот. За да ја создаде својата естетика во ова дело, Македонски во него внесува раскош од симболика и лирика, и многу алузии на мотиви, митови и ликови од античката историја и митологија – вели издавачот.
Освен својата поетска дарба, во овој роман Александру Македонски покажува и голема ерудиција, првенствено за античката егејска митологија. Истражувачот на книжевноста Николае Манолеску во својата студија „Критичка историја на романската литература. Пет века литература“ (2008) смета дека романот „Таласа“ е најостварената проза на Македонски.
Александру Македонски е автор на поетските книги: „Прв збор“ (1872), „Итало“ (поема, 1878) „Песни“ (1882), „Екселзиор“ (1895), „Бронзи“ (1897), „Светите цвеќиња“ (1912), „Поема на ронделите“ (1927), на прозните: „Тривијална драма“ (1896), „Златната книга“ (1902), „Искушенија на огнот“ (Париз, 1906), „Таласа“ (1916) – романската верзија на романот „Искушенија на огнот“, „Куси раскази“ (1923) и театарските: „Желба!“ (комедија, 1882), „Саул“ (со Синсинат Павелеску; трагедија, 1893), „Смртта на Данте Алигиери“ (1916) и „Близнаци“ (1918). „Таласа“ е првото дело од Александру Македонски публикувано на македонски јазик, со финансиска поддршка на Институт за култура на Романија.