Во рамките на „Шп-арт-клуб“, Шпаркасе Банка АД Скопје и Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ објавуваат:
КОНКУРС
за млади сликари 2024
Шпаркасе Банка АД Скопје објавува конкурс за млади уметници од државата, на возраст од 18 до 23 години, охрабрувајќи ги да бидат дел од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. Колонијата ќе се одржи во Вевчани и ќе трае од 22.6.2024 до 6.7.2024 година. „Шп-арт-клуб“ е дел од платформата за општествена одговорност „Sparkasse Life“.
Темата на конкурсот е „Бесконечно платно: безгранична креативност“.
Сите млади уметници, почнувајќи од 3.6. па сè до 10.6.2024 година, ќе можат да се пријават за учество, со пополнување на формуларот на следниот линк и заедно со фотографија од личното уметничко дело во акрилна техника да го пратат на: [email protected] со наслов „Бесконечно платно: безгранична креативност“.
По завршувањето на конкурсот, организаторите и стручното жири ќе изберат 10 финалисти, кои 5 дена ќе престојуваат во Вевчани, во две групи: од 22 до 26 јуни, односно од 26 јуни до 30 јуни 2024 година, при што сите трошоци за престој, како и потребниот сликарски материјал, ќе ги обезбеди Шпаркасе Банка.
По завршувањето на Колонијата, Шпаркасе Банка ќе организира хуманитарен настан, на кој сликите на младите уметници ќе бидат понудени на јавна аукција, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Истовремено, тројцата сликари чии дела ќе добијат најголема вредност на аукцијата, ќе бидат дополнително поддржани од Шпаркасе Банка со откуп на три други нивни дела во вредност од 1.200 евра за првиот, 1.000 евра за вториот и 800 евра за третиот сликар, односно сликарка.
Работата со млади, амбициозни и талентирани уметници што имаат големи соништа е чест и задоволство. Во нивната потрага по уметност, креативност и инспирација, овие поединци ја креираат суштината на духот на нашата нација. Во нашата земја, младите визионери ја отелотворуваат иднината преку смела визија и верба во она што допрва доаѓа.
Шпаркасе Банка во согласност со својата корпоративна стратегија за општествена одговорност во рамките на „Sparkasse Life“ секогаш се стреми да ги промовира, да ги поддржува и да ги заштитува чуварите на нашата колективна имагинација и нивната непоколеблива верба, кои во иднина ќе ги издигнуваат уметничките стандарди во општеството и ќе ги обликуваат добрите навики на нашата заедница.