Академија „Академија „Балканика Еуропеана“
Академијата „Балканика Еуропеана“, која опфаќа врвни уметници и научноистражувачки експерти од десет земји на Балканот и која беше формирана во Букурешт во октомври 2017 година, го одржа своето Генерално изборно собрание од 9 до 12 декември во Скопје. Собранието беше отворено од почесниот претседател на АБЕ и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, од колеџот „Империјал“ од Лондон, кој ја повика Европската Унија да пронајде модалитет за итно вклучување на земјите од Западен Балкан како нејзини рамноправни членки, бидејќи Балканот е интегрален дел на европската цивилизација.
– Во присуство на претседателот на фондацијата „Жан Моне“ од Париз, Анри Малос, и претседателот на АБЕ, Јордан Плевнеш, беше потпишан договор за организирање конференција на највисоко ниво со наслов „Обединет Балкан во обединета Европа“, на која ќе учествуваат околу 40 врвни личности од научниот и интелектуалниот живот на Европа и на Балканот и со присуство на највисоки претставници на Европската комисија и Европскиот парламент. Конференцијата ќе се одржи во два дела, првиот во Македонија во мај 2023 година, а вториот во октомври во Франција во „Куќата на Жан Моне – таткото на Европа“, која се наоѓа во малиот град Уржаре во близината на Париз. Посебна резолуција ќе биде усвоена во Франција и ќе биде испратена до најзначајните институции во Европа и САД – велат од академијата.
На настанот во Скопје беа оддадени три почести на починатите академици, Исидора Жабељан, композиторка од Србија, Вангелис – интернационално име на грчката музика, и Јон Карамитру, првиот претседател на АБЕ, театарска легенда на Романија. Токму во негова чест АБЕ востанови театарска награда што ќе го носи неговото име и која ќе им се доделува еднаш годишно на личности од театарскиот живот на Југоисточна Европа. Во оваа пригода беа доделени и наградите „сее актор“ од Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, Берлин и во Вашингтон на импозантниот актерски опус на Бајруш Мјаку, како и наградата „Еуропа прима“ од истиот фестивал на познатиот моден креатор и основач на Интернационалниот институт за мода во Скопје, Изет Цури.
Академијата „Балканика Еуропеана“ го номинира Ацо Ристов, градоначалник на Радовиш, за високото признание „сее персоналити“, кое традиционално им се доделува на истакнати личности од општествениот и економскиот живот на регионот, од 1 до 6 јуни 2023 година на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, Берлин и во Вашингтон. Генералниот секретар на АБЕ, Александар Прокопиев, ги соопшти имињата на новоизбраните академици на АБЕ од областа на уметноста и научноистражувачката дејност. Во областа на науката се избрани следните членови: Миодраг Стојковиќ (Србија), Мајлинда Лако (Албанија/Велика Британија), Тарик Купусовиќ и Исмет Гавранкапетановиќ (БиХ), Јасна Котеска и Љубомир Кекеновски (Македонија), Радосвет Горнев, Красен Станчев и Миглена Дикова-Миланова (Бугарија). Во областа на уметноста и публицистиката се избрани: Иљет Аљичка (Албанија), Хаќиф Мулиќи и Милазим Красниќи (Косово), Владимир Левчев и Ивајло Дичев (Бугарија), Жарко Башески, Димитар Малиданов, Раде Силјан, Лидија Димковска и Ермис Лафазановски (Македонија). За почесни членови на академијата се избрани Филип Шашко, балканолог на Универзитетот од Милвоки, САД, и Анри Малос, претседател на фондацијата „Жан Моне“ од Париз. Промоцијата на новите академици ќе биде извршена за време на конференцијата „Обединет Балкан во обединета Европа“, во мај 2023 година во Скопје.