Кинотеката, како по обичај, програмата за првиот месец од годината ја фокусира на најмладата генерација. Но тоа не значи дека ќе бидат игнорирани повозрасните љубители на филмот. Кинотеката го има тоа како обврска и се реши за филмови од различни кинематографии, различни содржини, перцепции. Прв стартува „Домаќинство за почетници“. Актуелниот филм на Горан Столевски, нашинец со адреса на живеење во Австралија, се закитува со позитивни рецензии и со присутност на филмските фестивали. Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она што самите сме го избрале. „Домаќинство за почетници“ ќе може да се гледа неколкупати во текот на месецот.

Гледачите ќе имаат можност да видат и една копродукција, македонско-грчко-германска, насловена „Зад стоговите сено“.
Средовечен рибар што живее на северната граница на Грција и кој е заглавен во долгови почнува да шверцува мигранти преку пограничното езеро, во замена за висока такса. Неговата сопруга е домаќинка и побожна жена. Животот им се движи по таа траса сè додека еден трагичен инцидент не го погоди семејството.
Дел од програмата е и „Предизвикување на невозможното“, филм што го поставува прашањето каква улога во животот може да има внатрешниот мир. Дали може да ни помогне во борбата против возраста, заморот и депресијата?
Шри Чинмој е застапник за мир и духовен водач. Шри Чинмој им пркоси на сите поими дека возраста е пречка за физичкиот развој. Филмот илустрира дека никогаш не треба да се откажуваме, дека можеме да го пишуваме и препишуваме нашето минато со инспириран ентузијазам и верба во нашиот најдлабок капацитет.
Месечнава програма се заокружува со проекцијата на новиот игран филм на Вардан Тозија, постапокалиптичниот „М“.