Изложба на Горан Ристовски со наслов „Траги“ е отворена во Струга, во центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Во овој циклус дела, заинтригиран од модификацијата на природниот пејзаж и одново „привлечен“ од сензацијата што цртачките елементи на изразот и класичниот графички отпечаток се способни да ја дадат, Ристовски, инаку графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи ни цртежи и графики, овој пат работени исклучиво во техниката линорез, како што посочува Ангела Витановска, историчарка на уметноста.

Горан Ристовски дипломирал во 2009 г. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, графичкиот дизајн, муралот, инсталацијата, фотографијата, вклучувајќи и користење готови предмети. Работи како професор по ликовна уметност во Струга, еден е од основачите и членовите на уметничкото здружение ИНКА од Струга.