Фото: З.А.

Во уметничкиот салон од Центарот за култура во Кичево, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата со работен наслов „Убавината како хармонија и единство на противречностите“. Ова ќе биде групна изложба на повеќе уметници и скулптори, кои ќе имаат можност да се претстават пред кичевската публика.

– За првпат вечерва во Центарот за култура во Кичево ќе биде отворена изложбата „Убавината како хармонија и единство на противречностите“ на група уметници. На изложбата ќе земат учество Александар Џинго, Атанас Атанасоски, Бојана Артиновска – Трпческа, Вано Кеков, Верче Николоска, Марија Светиева, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина Мазнеска. Тргнувајќи од егзистенцијалната потреба да се проникне во содржината на општо- човечките вредности односно нивното настанување и усвојување, филозофите воочиле дека во природата на човекот постои одреден карактеристичен сензибилитет. Таквиот сензибилет претставува мерка и пример според кој човекот се води во неговата севкупна животна дејност – истакна Маја Николоска-Сиљаноска од Центарот за култура во Кичево.

Куратор на изложбата е м-р Викторија Димеска историчар на уметноста. З.А.