Изложба на дела инспирирани од тангото на Пјацола

Изложбата со наслов „Вечното танго“ ќе биде отворена на 12 февруари (недела), во 19.30 часот, во галеријата „КО-РА“, во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Оваа традиционална мултимедијална изложба е инспирирана од делата на Астор Пјацола и од т.н. „златен период на тангото“.
– Тангото останува моќна поврзница помеѓу културите, народите, ентитетите, уметностите низ светот здружувајќи различни генерации во славата на љубовта, музиката, танцот, кој плени со својата страст и инспиративна и неповторлива автентичност во секоја изведба одделно како релација помеѓу занесот, страста, копнежот, восхитот, вознесот, магичната опиеност од љубовта, но и копнежот, носталгијата, болката и страдањето, како тенката граница помеѓу животот и смртта – вели Виолета Калиќ, историчарка на уметноста и стручна соработничка во домот на културата „Кочо Рацин“.
Изложбата секоја година се збогатува со дела на сѐ повеќе уметници од земјата и од странство што се инспирирани од славните танга на Астор Пјацола, кои стануваат и интеркултуролошки феномен, како и социолошка одредница што здружува најразлични профили и сегменти на различни култури и цивилизации.
По отворањето на изложбата со свој танц-перформанс ќе се придружат и членовите од студиото за танц „Фамилија Тангови“. Во рамките на овој мултимедијален проект, кој секоја година беше инспириран и насловен според славните танга „Танго Обливион“, „Либер Танго“, „Танго Нуево“, и оваа година се најавени дела на многубројни уметници: Марија Светиева, Решат Амети, Љупчо Бојаров, Билјана Билбилоска, Маја Танева, Ангел Димовски Чауш, Љубе Алексовски, Наталија Пулејкова Радеска и др., како и членовите на ВАГ, кои се претставуваат со своите дела слики и избор поетски остварувања и во електронскиот каталог подготвен за оваа заедничка изложба, која здружува повеќе земји: Аргентина, Хрватска, Финска, Израел, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Турција, Велика Британија. Помеѓу поетите од Македонија се најавени настапите на Љерка Тот Наумова и Светлана Пецакова.
Во мултимедијалниот дел на овој проект „Вечното танго“ се предвидени и видеопроекции, перформанси, илустрирање во живо на фрагменти од танц-перформансот од уметницата Сарита Конеска, концертен настап на Драган Гоневски – виолончелист и Димитар Ганчевски – пијано.