Астрономите открија 12 нови природни сателити околу најголемата планета во Сончевиот Систем, што значи дека Јупитер сега има вкупно 92. Така, повторно го зазеде првото место по бројот на сателити, а Сатурн падна на второто место со 83.
– Минатата и претходната година, телескопите на Хаваи и на Чиле открија 12 нови природни сателити што го придружуваат Јупитер, а потоа беа направени многу дополнителни набљудувања за да се потврдат откритијата. Станува збор за мали сателити, широки меѓу еден и осум километри – објасни Скот Шепард од научниот институт „Карнеги“ во Вашингтон.
Новооткриените сателити орбитираат околу Јупитер далеку од неговата површина и на сите им требаат повеќе од 340 дена за да завршат една орбита околу планетата, од кои девет дури и повеќе од 550 дена. Деветте најоддалечени новооткриени сателити се ретроградни, што значи дека орбитираат околу Јупитер во спротивна насока од неговата ротација. Внатрешните сателити ротираат во иста насока како и планетата.
Моментално, американската сонда Џуно го истражува Јупитер, а во април кон гасниот џин ќе полета и европската сонда „Џус“, која покрај планетата ќе ги проучува и најголемите сателити на Јупитер, а тоа се Ганимед, Европа и Калисто (ова се три од четирите таканаречени Галилејски месечини – четвртата е Ио). Шепард, кој меѓу другото откри некои природни сателити на Сатурн пред неколку години, верува дека ќе продолжат да се откриваат нови сателити за двете планети.
– Во хаотичното минато на Сончевиот Систем, неколку поголеми сателити се распаднаа по судири, што доведе до појава на помали сателити. Тие се кријат во близина на Уран и на Нептун, но поради оддалеченоста на овие планети уште потешко се откриваат – вели астрономот.
Уран има 27 природни сателити, Нептун 14, Марс два, Земјата еден, а Венера и Меркур немаат ниту еден.