Комисијата за годишната награда „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска збирка, во состав Зоран Анчевски (претседател), Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови), од пристигнатите 16 книги ја избра „Убавите жени“ од Зоран Пејковски, која нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија. Според комисијата, таа изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото. Низ целата книга се разлева топол лирски склад што потсетува не само на класичното и на традиционалното туку и на пеење што ги задоволува узусите на модерната поетика.
– „Убавите жени“ на Пејковски е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија. Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам што е постојана закана за ваков вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак општо земено, целата книга импонира со својата компактност, читливост и приемчивост. Со доделувањето на наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година на Зоран Пејковски и на неговата поетска книга „Убавите жени“, ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов – се вели во одлуката.