Елена Ковалскаја: Не можам да работам за убиец!

Директорката на државниот театар во Москва поднесе оставка

Директорката на Московскиот државен театар, Елена Ковалскаја, во четвртокот јавно го нарече рускиот претседател Владимир Путин „убиец“ и објави дека се повлекува во знак на протест поради руската агресија врз Украина, објавија светските медиуми.
– Пријатели, во знак на протест против руската инвазија на Украина, поднесувам оставка. Не можам да работам за убиец и не можам да си дозволам да бидам платена од убиец – објави на Фејсбук Елена Ковалскаја, директорка на театарот „Мејерхолд“.
Таа најави дека ќе ги заврши проектите што ги започнала докрај, но на доброволна основа. Во меѓувреме, управата на театарот, именуван по починатиот руски драматург Всеволод Мејерхолд, исто така се огласи на Фејсбук, пишувајќи дека немилосрдната агресија на Русија против Украина е „во трагичен конфликт со нивната мисија“.
– Не можеме да молчиме за ова. Сè што треба да направиме е да ѝ кажеме „не на војната“. Војната е многу повеќе од непочитување на човекот и е многу пострашна. Војната е смрт на човекот, тоа е убивање луѓе – стои во објавата на државниот театар.
Театарот, исто така, ѝ се заблагодари на Ковалскаја за нејзината „храброст“.
Путин нареди голема воена инвазија на Украина рано во четвртокот со ракетни напади врз неколку украински градови. Оттогаш се слушнаа експлозии на неколку локации, вклучувајќи ги главниот град на Украина, Киев, и источниот град Харков. Конфликтот на Русија со Украина трае со години, но драматично ескалира во последните недели. Русија собра огромен број војници околу Украина – дури 190.000, според процените на САД – во најголемата воена операција во регионот по Втората светска војна. Уште во понеделникот, Путин ја призна независноста на двата сепаратистички региони поддржани од Москва во источна Украина – Луганск и Донецк – и им нареди на тамошните војници, како што опиша, „ограничена мировна операција на истокот на земјата“.
Помалку од 72 часа подоцна, Путин одобри напад од целосен обем врз Украина.