Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас и концертот на Ефтеркланг: Македониум вчера вечерта спектакуларно беше отворен 23. Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари и креативци за составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот Македониум во Крушево.
Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.
Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
-Беше просто неверојатно искуство да твориш со тотални странци, а на крајот да се чувствуваш како да сте најблиски пријатели. Мислам дека секој треба да направи такво нешто барем еднаш во животот – рече на концертот пејачот Каспер Клаусен.
-Сега ние сме семејство Македониум – рече режисерот Јонсен додаде.