Во рамките на новиот проект „Артс хаб“ продолжува серијата презентации и разговори со уметници од локалната уметничка сцена. Серијата на презентации продолжува со презентацијата на проектот „Домашна работа“ на Кристина Божурска.
– Преку проектот „Домашна работа“ наша цел беше да развиеме експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса, каде што фокусот беше насочен кон процесот и можностите што произлегуваат од тој процес. Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање идеи и иницирање акција. Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност. Тие беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори – истакнува Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот.
Божурска го развиваше својот проект во периодот март-јули 2021 година, во кој активно учествуваа Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер. Дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социополитичкиот контекст каде што преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми.