Наградата „Ана Франк“ се доделува за врвни остварувања на планот на литературата за деца и млади, а ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“. Годинашни добитници на наградата се: Владимир Костов од Македонија, Фахрудин Кучук од Босна и Херцеговина и Оливера Јелкиќ од Србија.

Владимир Костов е автор на книгите за деца и млади: „Каде си тргнал, сине“ (роман за млади, 1982), „Тој ми кажа“ (роман за млади, 1992), „Солза за Мите“ (роман за млади, 1997), „Еврејчето Шами“ (проза за деца и млади, 2007), „Скршена чаша“ (раскази, 2007) и други. Добитник е на наградата „Ванчо Николески“.

Фахрудин Кучук е најпознат со своето творештво за деца и млади. Има објавено повеќе романи за деца и млади, поезија, раскази и сликовници. Неговите романи „Џуџето Дадо од Попова шума“ и „Тајната на ѕвездената соба“ имаа достигнато големи тиражи и популарност кај читателската публика.

Оливера Оља Јелкиќ, исто така, е посветена на творештвото за деца и млади. Родена е во Нови Сад, а живее и работи во Белград. Има објавено повеќе романи, книги со раскази и драмски текстови за деца и млади. Нејзини најпознати дела се: „Лудвиг“, „Гамбит“, „Моето име е Алма“, „Геометриска бајка“, „Лавеж“ и други. Основач е на „Декаленд“, а компонира и песни за деца и млади.