Денеска и на 29 март во Скопје, по седми пат, ќе биде одбележан Денот на пијаното. Настапите на учесниците ќе се одржат во КИЦ Скопје – „Салон 19’19“. Денеска, со почеток во 11 часот, ќе има стручно предавање од областа на пијанизмот, на кое медијаторка ќе биде Весна Малјановска. На 29 март во 17 часот ќе настапи дуото Луиџи ди Миеле – Алина Таславан, во 18.30 часот ќе се одржи „Пијано деј лаунџ“, а во 19.15 часот „Звуците на класиката“ – посветено на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Сергеј Рахманинов и Бете Илин – Одбрани дела „Македонски музички звуци“.

Како и во претходните години, и годинешното издание на овој празник на пијаното ќе биде одбележан со уникатна програма. Ќе настапат италијанското дуо Луиџи ди Миеле (пијано) – Алина Таславан (виолина), најталентираните ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје и студенти од Факултетот за музичка уметност од Скопје, а за првпат ќе има и трибина посветена на пијаното. Денот на пијаното симболично се одржува на 88-от ден од годината, бидејќи пијаното има 88 клавиши.
– Ова е настан што ги инспирираше сите вљубеници да го прифатат и слават овој празник. Голема чест е да се биде пример и инспирација во Македонија. За мене како организатор е голем предизвик, затоа што светот и музиката се менуваат, се менуваат презентирањето, доживувањето, трендот. Ние треба да го живееме нашето време и преку музичките трендови и достигнувања – вели организаторката, Светлана Димитриевска, професорка и раководителка на Одделот за пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.
Професорката Димитриевска вели дека оваа манифестација е значајна за младите, особено поради современиот концепт и изборот на програмата, кој е направен во соработка со истакнати светски, но и со македонски композитори, годинава со Бете Илин.

– Годинава за првпат ќе биде прикажан концептот „Пијано деј лаунџ“, следејќи ги светските музички трендови, тенденциите на заедничко и единствено музичко доживување, непосредно доближено до публиката – додава професорката.
Оваа манифестација, основана по идеја на германскиот композитор Нилс Фрам во 2015 година, е со најдолга традиција во прославата на пијаното и од година на година сè помасовно се слави.