Сем Алтман, извршниот директор на компанијата што го создаде Чет ГПТ верува дека технологијата базирана на вештачка интелигенција ќе го преобликува општеството какво што го знаеме. Алтман верува дека оваа технологија доаѓа со реални опасности, но може да биде и најголемата технологија што човештвото некогаш ја развило и која драстично ќе го подобри животот. Тој во интервју за „Еј-би-си њус“ вели дека мораме да бидеме внимателни.
– Мислам дека луѓето треба да бидат среќни што малку се плашиме од ова – рече Алтман.

Алтман нагласи дека на компанијата „ОпенАИ“ ѝ треба и регулаторите и општеството да бидат што е можно повеќе вклучени во воведувањето на Чет ГПТ и додаде дека повратните информации ќе помогнат да се избегнат потенцијалните негативни последици што технологијата може да ги има врз човештвото. Тој напоменува дека е во „редовен контакт“ со владини претставници.
– Особено сум загрижен што овие модели би можеле да се користат за дезинформации од големи размери. Сега кога стануваат подобри во пишувањето компјутерски код, би можеле да се користат за офанзивни сајбер-напади – рече Алтман.
Зборувајќи за Чет ГПТ 4, Алтман вели дека најмногу сака да ги предупреди луѓето за она што тој го нарекува „проблем со халуцинации“.
– Моделот самоуверено ќе ги кажува работите како да се целосно измислени факти – додава Алтман.

Алтман не го дели вообичаениот научнофантастичен страв.
– Ова е алатка што во голема мера е под контрола на луѓето – нагласува тој.
Меѓутоа, тој вели дека се плаши од тоа кои луѓе би можеле да го контролираат.
– Ќе има други луѓе што нема да воведат некои од безбедносните ограничувања што ги воведовме. Општеството, мислам, има ограничено време да сфати како да реагира на тоа, како да го регулира, како да се справи со тоа – предупредува Алтман.
Според него, вистинскиот начин да се размислува за моделите што ги создаваат е механизмот за расудување, а не базата на податоци.
– Тие исто така можат да дејствуваат како база на податоци, но тоа всушност не е она што е посебно за нив, она што сакаме да го направат е нешто поблиску до способноста да расудуваат наместо да запомнат – наведува Алтман.
Тој истакнува дека Чет ГПТ нема да дава инструкции како да се направи бомба, но и дека „ОпенАИ“ не е единствената компанија што развива јазични модели базирани на вештачка интелигенција.