Бугарскиот писател Петар Денчев ќе гостува во Струмица, Скопје и во Куманово со цел да го претстави преводот на своето дело „Малиот бог на земјотресот“ на македонски јазик. Неговата турнеја почнува вечерва во „Јуроп хаус“ во Струмица од 19.30 часот, утре ќе биде во Скопје, во книжарницата „Антолог“ – Центар од 19 часот, а потоа ќе биде гостин на Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово, во организација на НУЦК „Трајко Прокопиев Куманово“, в четврток и в петок.
„Малиот Бог на земјотресот“ претставува приказна која проникнува во скриените односи на животот. Книгата почнува со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав и среде чаршијата во Скопје.
Петар Денчев (1986) е бугарски писател и театарски режисер. Дипломирал театарска режија и поставил претстави во најголемите театри во Бугарија. Книжевното деби го прави со раскази и поезија кои веднаш се наградени или номинирани на разни конкурси. Автор е на книги поезија, раскази и романи. Преведен е на неколку јазици.
Гостувањето на Денчев е реализирано со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, а книгата на македонски јазик е објавена во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“ кофинансиран од програмата Циркулација на европски книжевни дела на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.