Го создадовме фестивалот со цел да направиме допадлив и квалитетен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентирајќи претежно камерна музика во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри, истакнува Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица 2024“
Третото издание на фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2024“ почнува денеска, а ќе трае до 9 јуни, во Струмица. Најголемиот дел од програмата е посветен на камерната музика.
– Целта во реализација на фестивалот е да ги претставиме врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко. Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град што ги сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто. Идејата потекна од нас, група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, оформени во здружение на граѓани со име на фестивалот, со цел да направиме допадлив и квалитетен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентирајќи претежно камерна музика во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, за што им благодариме за поддршката – истакнува проф. м-р Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица 2024“.
Досега на фестивалот, освен познати македонски уметници, настапуваа и гости од Србија, Бугарија, Грција, Словенија, а годинава гостуваат и уметници од Хрватска.
Фестивалот ќе го отвори клавирското трио „3-ОС“ од Хрватска, во 20 часот, во НУЦК „Антон Панов“, фоаје.
Членовите на триото се виолинистот Кирил Наумов, виолончелистот Жељко Штрбац и пијанистот Мирослав Мајиќ, професионални дипломирани музичари, кои долги години активно соработуваат со културните институции во Хрватска како оркестарски уметници, како педагози во музичките училишта и како високи уметнички соработници на камерна музика на Академијата за уметност и култура во Осиек. Настапувале во Хрватска и во странство со истакнати хрватски и странски оркестри, ансамбли и камерни состави на голем број концерти.
На 3 јуни, во 20 часот, во црковниот храм „Св. Петнаесет тивериополски великомаченици“, концерт ќе има градскиот мешан хор „Гортинија“ од Македонија со диригентот Илија Атанасов.
Хорот „Гортинија“ (античкото име на Гевгелија) е формиран во 2003 година. Во моментов членовите на хорот се аматери пејачи од различни возрасти, ентузијасти со голема љубов кон хорската уметност. Во досегашното постоење, хорот остварува богата концертна дејност, како на државната така и на меѓународна сцена освојувајќи голем број високи награди.
Диригентот Илија Атанасов дипломира хорско диригирање и музичка теорија и педагогија во класата на проф. Драган Шуплевски (1996) при Факултетот за музичка уметност во Скопје. Магистрира на истиот факултет, а специјализира хорско и оперско-симфониско диригирање на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во класата на Валериј Успенски во Санкт Петербург, Русија.
Концертот на „Дуо гитари“ од Бугарија во состав на Цветелина Брешкова и Божидара Трохарова е закажан за среда, на 5 јуни, во 20 часот.
Цветелина Брешкова завршила средно образование, класична гитара, во НМУ „Љубомир Пипков“, во класата на д-р Столина Добрева. Студира и дипломира на националната академија за музика „Проф. Панчо Владигеров“, инструментален факултет, насока класична гитара. Магистрира на НБУ, насока инструментална педагогија, со стручна квалификација – инструментален педагог – класична гитара, во класата на д-р Столина Добрева. Од 2008 година е наставник по класична гитара и камерна музика.
Божидара Трохарова е родена во 1997 година во градот Силистра. Студиите по гитара ги започнала кај Христо Христов, а потоа студирал кај Валентин Бузов. Подоцна дипломирала и магистрирала на националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“, насока класична гитара, во класата на доц. Росен Балкански. Настапува на разни концерти и фестивали во Бугарија.
„Дуо пијано“ со Тања Божиновска и Билјана Димовска од Македонија ќе има концерт на 7 јуни, во 20 часот, во НУЦК „Антон Панов“, фоаје.
„Дуо пијано“ дејствува заедно од 2009 год. и на својот репертоар има програма од барок до модерна музика. Пијанистката Билјана Димовска е родена во 1978 год. во Битола. Во 2000 година дипломира, а во 2003 год. и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Настапува на повеќе значајни манифестации во нашата земја. Има учествувано на повеќе семинари и мастеркласови кај светски познати пијанисти. Од 2000 година е вработена во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано.
Пијанистката Татјана Божиновска е родена во 1980 год. во Битола. Во 2002 год. дипломира, а во 2005 год. магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 год. ги завршува и докторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Има настапувано на повеќе значајни манифестации. Од 2002 год. е вработена во Државното музичко училиште во Битола како професор по пијано.
Камерниот оркестар „Аморозо“ од Србија со солистката Билјана Миљковиќ – флејта, ќе настапи на 9 јуни, во 20 часот, во НУЦК „Антон Панов“, фоаје.
Камерниот оркестар „Аморозо“ е основан во март 2002 година. Со камерниот оркестар „Аморозо“ настапија голем број солисти, ансамбли и диригенти, солисти од земјава и од странство, а остварени се и гостувања во странство.
Билјана Миљковиќ дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје и како студентка е добитничка на повеќе награди, меѓу кои и првата награда на последниот натпревар во бивша Југославија, Херцег Нови (1991). За време на студиите почнува да предава флејта и камерна музика. Активна е на концертните сцени, имала голем број рецитали, како и настапи со камерниот оркестар „Аморозо“ и со Македонската филхармонија, гостува речиси низ цела Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Австрија…