Дебитантскиот филм на Гоце Цветановски ја продолжува успешната фестивалска кариера. По дваесетина селекции и пет награди во 2023 година, политичкиот трилер, кој ја третира темата на трговија со жени, годинава својата прва проекција ќе ја има во Венецуела, на деветтото издание на фестивалот ФИЦМАРЦ, кој ќе се одржи од 19 до 21 јануари.
Ова е третпат филмот да игра во Латинска Америка, каде што лани доби награда за најдобар филм на филмските фестивали во Перу и во Панама. Во главните улоги играат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ и Исмаил Касуми, а продуценти се Богдан Јончевски, Дритон Рамадани и Гоце Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ е поддржан од Агенцијата за филм, а македонската публика напролет, конечно, ќе може да го види и во киносалите кај нас.