Во Музејот на современата уметност – Скопје се отвори архитектонската изложба „Иднината како проект | Доксијадис во Скопје“. Во годината кога Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот на 26 јули 1963 година, оваа изложба има цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за неговата обнова. Во нејзиниот фокус се улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис. Автори и куратори на изложбата се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим, кој го сочинуваат: Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос – Георгиос Критикос.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата…, сето тоа значајно и еднакво придонело во изработката на основниот план за обнова на Скопје. Пет години откако за првпат беше претставена во музејот „Бенаки“ во Атина преку обемна изложба, конференција и книга, „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ пристигнува во Скопје.
– Концептуално збогатена со уметнички дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност во Скопје, подарени од грчки уметници, се надеваме дека не само што ќе помогне да се врати сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје туку и ќе придонесе за заживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност – велат од МСУ.