Промоцијата на сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова ќе се одржи вечерва, во 18 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје. Антологискиот расказ „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, кој се смета за еден од најубавите раскази во македонската книжевност, е дел од едицијата „Старо купувам“ на издавачката куќа „Темплум“. Расказот „Страшна ноќ“, со помош на извонредната ликовна техника на уметницата Наташа Андонова, се претвора во сликовница што им го привлекува вниманието на младите читатели, но не може да остане незабележана ни од читателската публика од сите возрасти.
– Идејата на оваа едиција, која вклучува домашни автори – поети, писатели, уметници и илустратори, е да се спојат старите и новите автори, но и старите класични вредности, со новите актуелни вредности. Постарите, делумно подзаборавени дела на значајни претставници на македонската книжевност, преку оваа едиција добиваат ново руво, односно за првпат овие текстови се објавени во вид на сликовници, визуелно поддржани од страна на најдобрите современи уметници и дизајнери – вели издавачот.
Промоцијата на сликовницата ќе биде прикажана во форма на камишибаи-претстава – вид јапонски уличен театар во кој приказните се раскажуваат со употреба на илустрирани картички, и ќе биде водена од Никола Гелевски, Марина Туфекчиевска, Наташа Андонова и од Фросина Крушкаровска.