Ликовниот уметник Ванчо Кеков од Кавадарци со акварелот е преокупиран повеќе од петнаесетина година, целосно посветено го студира и истражува, а резултатот е повеќе од успешен. На големо задоволство на љубителите на акварелот во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ вечерва во 19.30 часот во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе биде отворена негова самостојна изложба на акварели создадени во последниве години.
Иако завршил средно уметничко училиште отсека графика и факултет за ликовна уметност не успеал да се пронајде ниту во графиката нитуво во сликањето на платно со маслени бои. Средбата со една уметница акварелистка на ликовна колонија во Бугарија која му подарува лист квалитетна хартија за акварел за него претставува иницијална капсула да отпочне да се испробува во оваа област, да истражува и експериментира. Зборовите на неговиот професор Ванчо Георгиевски од Педагошкиот факултет дека ги поседува сите предиспозиции да стане добар акварелисти одеднаш испливуваат на виделина и целосно го преокупираат во изнаогањето на својот ликовен израз.
-Кога почнав да сликам акварели и ги видов првите слики сватив дека сум го нашол вистинскиот пат, почуствував еден спокој и духовен мир. Едноставно се пронајдов како автор и сватив дека дука гледам своја перспектива. Пронаоѓањето во оваа сликарска техника се одвиваше напоредно со изградбата на мојот нов дом во месноста Моклиште од каде потекнува мојот дедо кој пред речиси 100 години се преселил во Ваташа. Враќањето кон корените во прекрасната природа на Моклиште , пријатната клима и живописните предели каде во 16 век е изграден манастирот Св. Никола јас го најдов својот нов дом и спокојот кој се рефлектира во моите акварели бидејќи околу 90 проценти од мотивите се од Моклиште и околината. Всушност акварелите се целосна рефлексија на мојот внатрешен порив и спокојот и душевен мир кој гу чуствувам во домот и семејството – вели Кеков.
Различен од акварелите на познатиот кавадаречки уметник Никола Баснарков и неговиот современик исто така од Кавадарци Лазар Дојчинов Ванчо Кеков изгради свој ликовен ракопис, препознатлив по топлиот колорит, мајсторски и со голема вештина ги слика пределите од Моклиште и тиквешкото поднебје .
Кеков моментално работи како ликовен педагог во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци активно се занимава со сликарство и досега има учествувано на многу изложби и ликовни колонии меѓутоа ова е него прво претставување исклучиво со акварели. Покрај тоа што е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија тој паралелно членува во кавадаречкото друштво и во битолското друштво на ликовни уметници.