Годинава се навршуваат 500 години од смртта на Леонардо да Винчи, а подготовките за јубилејот ги одведоа Италија и Франција во натпревар за тоа на која земја ѝ припаѓа универзалниот гениј на ренесансата. И двете земји сметаат дека имаат право на неговото културно наследство. Италија тврди дека нема да дозволи некој да го присвојува Леонардо, а особено не Франција.

Односите меѓу Париз и Рим значително се заладени последниве месеци околу миграциите и европската политика, а сега во недоразбирањата е вмешан и големиот уметник, кој е роден во Италија, но умрел во Франција. Закопан е во капелата во дворецот „Амбои“, каде што ги поминал последните три години од животот. Денес тука се наоѓа музеј во кој посетителите може да ги видат ателјето на Леонардо и моделите на неговите изуми. Франција по повод 500-от јубилеј ќе организира повеќе од 500 случувања, вклучувајќи и голема изложба во „Лувр“ и за таа цел има намера да ги собере сите негови слики.

Француската влада претходно постигна договор дека италијанските музеи за таа намена ќе ги позајмат неговите дела. Но сега, Лучија Боргонзони, членка на десната партија Лига и државна потсекретарка за култура, сака повторно да се преговара за тоа. Таа вели дека Леонардо е Италијанец, кој „само умрел“ во Франција, и смета дека важните дела, како познатата скица „Витрувијански човек“, треба да останат дома.

„Лувр“ сега има речиси третина од делата на Да Винчи, меѓу кои и славната „Мона Лиза“, која Леонардо му ја продал на францускиот крал Фрањо Први, за кој работел три години.

Инаку, Италија ќе ја одбележи годишнината на уметникот со изложби во Торино, Милано, Фиренца и малото село Винчи, негово родно место. Во меѓувреме италијанскиот министер за култура Алберто Бонисоли се обидува да ја смири ситуацијата и најавува дека ќе најде решение на состанокот во Милано, на 28 февруари.