Триесет и третото издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ почнува утре и ќе трае до 22 август, а ќе биде посветено на поезијата на Ристо Лазаров и на творештвото на охридските уметници Славко и Никола Упевче.
Заедничката изложба насловена „Татко и син Упевче (цркви и мозаици)“ ќе биде поставена на отворен простор и во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во село Велестово.
Во таа пригода ќе биде откриен мозаикот на кој е претставено логото на манифестацијата, а го изработи Никола Упевче. Беседа за Ристо Лазаров ќе одржи Димитар Пандев, а негови стихови ќе интерпретира Ивица Цонев.
На гитара ќе настапи музичарот Мартин Милески.
Интернационалното читање ќе се одржи на 21 август со почеток во 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид со поезија од Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, Надија Реброња од Србија и Андреј Ал-Асади од Македонија.
Заради ситуацијата со корона-вирусот поетесите од Исланд нема да можат да бидат физички присутни и ќе се претстават преку видеопроекција.
Последната вечер насловена „Поезија ‒ Залез“ ќе се одржи на 22 август, со почеток во 18 часот на локалитет во Велестово, а ќе читаат поетите Д. А. Лори, Надија Реброња, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади. И
годинашново издание на манифестацијата ќе се одвива според препораките и протоколите за заштита од ковид.