Филмот „Стела“, во кој главен лик е младата шарпланинка Стела, со уште осум филма, од кои некои се кратки, е во селекција на детската програма „Теен арена“ на Сараевскиот филмски фестивал. Сараевскиот филмски фестивал е најголемиот филмски фестивал во Југоисточна Европа и е еден од најголемите филмски фестивали во Европа. Основан е во Сараево во 1995 година, за време на опсадата на Сараево, и секоја година ги носи едни од најголемите меѓународни и локални познати личности од светот на филмската индустрија.
Во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа, која има голем број автори и филмски професионалци. Во филмот, главен лик е младата шарпланинка Стела, за првпат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ, а во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ. Сценариото на филмот е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од „Љубојна“. Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу македонската продукциска куќа „Дрим фектори“ (продуцент Огнен Антов), српската продукција „Акција продукција“ (продуцент Јована Караулиќ) и германската „Моуна“ (продуцент Никол Акерман).