Фестивалот на неми и класични филмови почнува од утре во Кинотеката на Македонија, со проекција на документарниот видеоколаж „Тајните архиви на градот“, проект поддржан од Град Скопје, чиј автор е Катерина Габунија, а носител на проект „Вардар филм“, и во соработка со Кинотеката на Македонија.
Потоа ќе се прикажат филмовите од францускиот нов бран, односно филмот „До последен здив“ од 1960-та на Жан-Лик Годар, на 11 август од 20 часот.
Проекција ќе има „400 удари“ од 1959-та на Франсоа Трифо, а на 12 август ќе биде прикажан „Еден човек и една жена“ од 1966-та на Клод Лелуш. Потоа следува трилогијата на Александар Довженко, украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови „Звенигора“ (1928), „Арсенал“ (1929) и „Земја“ (1930), како и журналите филмски новости: „Приказни од Македонија“, „Галичник“ на Сифрид Миладинов од 1940-та, како и германско-францускиот документарец „Со Грците на огнената линија“ од 1913-та.
– Трилогијата на филмовите на Довженко ќе почне на 13 август, во 20 часот, со проекцијата на филмот „Звенигора“. Пред проекцијата, во 20 часот, е најавено предавањето на гостинот. Предавање на Аресни Книазков, филмски истражувач од центарот „Довженко“ од Киев, Украина – „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко центар“. А потоа ќе следува проекцијата на самиот филм. Во разговор со Арсени, тој предложи да го одржи своето предавање пред проекцијата, затоа што тоа би било од големо значење за гледањето на самиот филм, но и за истакнување на значењето на филмовите на Довженко (особено оваа трилогија) за украинскиот филм во рамките на светската кинематографија – вели Дамјана Патчева, филмолог од Кинотеката.

Потоа следуваат проекциите на 14 август, „Арсенал“, и на 16 август, „Земја“.
Проекциите на филмовите на Довженко се дел од фестивалот, во чии рамки се и проекциите на филмовите на Александар Довженко, како и предавањето на гостинот Арсени Книазков, филмски истражувач од центарот „Довженко“.
Националниот центар „Александар Довженко“ (центар „Довженко“) е најголемата украинска филмска архива, со обемна колекција, која вклучува 7.000 играни филмови, документарни филмови, украински и странски анимирани филмови и илјадници архивски записи од историјата на украинската кинематографија.
Центарот „Довженко“ е институција што во себе инкорпорира современ филмски архив, лабораторија за развивање филмови во Украина, киномузеј, мултимедијална библиотека и оддел за издаваштво. Целта на центарот „Довженко“ е да го чува, промовира, истражува и дистрибуира националното филмско наследство на Украина.
Проекциите на филмовите на Довженко се овозможени во соработка со Амбасадата на Украина во Македонија и центарот „Довженко“ од Киев, Украина.
Проекциите на филмовите од францускиот нов бран се остварени во соработка со Францускиот културен центар во Скопје.