Далимир Хајко, светски познат филозоф, есеист и литературен критичар и професор на Универзитетот од Жилина, Словачка, e добитник на Светската награда за хуманизам за 2022 година. Со ова исклучително признание, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент Охридски на сите светски меридијани, додека професорот Хајко е шеснаесетти добитник по ред.
Во писмото до претседателот на интернационалното жири, Јордан Плевнеш, Хајко меѓу другото нагласува: „Би сакал да ви се заблагодарам што ми ја испративте одлуката на меѓународното жири на Охридската академија на хуманизмот. Чест и задоволство ми е да ја прифатам номинацијата за оваа престижна награда и да се приклучам кон истакнатите добитници од минатото. Мојата најдлабока благодарност оди до Охридската академија на хуманизмот, до меѓународното жири и неговите членови и до претседателот, што ме номинираа. Ќе ми биде голема чест и задоволство да ја добијам наградата лично во прекрасниот град Охрид.“
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари, наспроти големиот празник Богојавление – Водици, во куќата на Уранија (МАНУ). Пригодни беседи ќе одржат Јордан Плевнеш и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Следниот ден, 19 јануари, ќе се одржи меѓународната онлајн конференција „Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес во Европа и во светот“, на која, меѓу другите, ќе учествуваат и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, Жан-Патрик Конрад, претседател на Европската академија на науките и книжевностите во Лондон, Ралица Русева, историчарка на уметноста од Софија, Бугарија, Рикардо Бризи, социолог на Универзитетот во Болоња, Италија, потоа професор Фабрис Далмеида, професор Пантеон Асас од универзитетот „Сорбона“ во Париз, Франција, и други.