Ретроспективна изложба на македонскиот скулптор Драган Попоски – Дада ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Даут пашиниот амам, во рамки на одбележувањето на 70 -годишнината од постоењето на Националната галерија на Македонија. Ќе бидат презентирани скулптури и цртежи од сите творечки периоди на значајниот уметник кои се во негова сопственост, во сопственост на самата галерија, на неколку државни институции и музеи како и на значаен број приватни лица.

Развојниот пат на Драган Попоски – Дада е долг, посочуваат од Галеријата, со повеќе творечки етапи.

-Неговите облици имаат конкретни инспиративни извори во природата и нештата што го опкружуваат, предадени се во вид на лесна стилизација, преку помалку или повеќе асоцијативни форми кои ги селектираат деталите до степен на минимализирање на нивната асоцијацијативност. Од друга страна, пак, неговите фигури се исто така суптилно стилизирани, со монументално чувство во внимателното градење на односот на масите- стои меѓудругото во каталогот за изложбата која ќе може да се погледне до 24 ноември.