Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска напладне ќе биде промовиран романот „Граница“ од академик Луан Старова.

– „Граница“ е шеснаесетта книга од неговата балканска сага, значајна книжевна творба за балканските граници, за нивната вплетеност во судбината на луѓето и таа, со својата интимна текстура, сведочи за балканскиот трагизам – соопшти Библиотеката во најавата за промоцијата.

Луан Старова (1941) е автор на 16 романи кои ја опфаќаат цикличната сага која од авторот е именувана „Балканска сага“. Неговте романи се преведени на голем број јазици, а за своето книжевно дело е добитник на повеќе престижни домашни и светски награди.

Добитник е и на престижното француско признание Командант од редот на уметностите и книжевностите и на францускиот орден – Офицер на националниот ред на легија на честа. Пишува на македонски, на својот мајчин албански јазик и на француски јазик.

Најновиот роман на Луан Старова денеска ќе го промовира проф. д-р Елизабета Шелева.