Портрет на Мајо Даниловиќ во „Уранија“

Во куќата „Уранија“ на МАНУ во Охрид, вечерва, во 20 часот, беседа за поетското и книжевното дело на поетот Мајо Даниловиќ од Белград ќе одржи академик Катица Ќулафкова. Даниловиќ се смета за еден од најплодните современи автори на балканскиот простор, член е на Светската академија за поезија при УНЕСКО, а наедно и претседател на Одделот за словенскиот свет. Автор е на осум самостојни и две заеднички книги песни, коавтор и селектор е на три алманаси и др., а негови дела се објавувани во повеќе земји.

Мајо Даниловиќ е застапен во Антологијата на словенската уметност со автори од 10 земји публикувана во Полска, во канадската антологија „Поети за мир во светот“, а еден е и од авторите собрани во интернационалниот културен проект „Диоген про култура“. Главен и одговорен уредник е на книжевните манифестации „Поетска зора“, „Поетска нова година“, а меѓу другото е член и на жирито за доделување на наградата „Исидора Секулиќ“. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои е и наградата за најдобра прочитана песна на „Струшките книжевни средби“. Неговото вечерашно претставување е дел од актуелната „Научна и уметничка визита – Охрид 2019“.