Осум филма се во натпреварувачката селекција на 3-от меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, кој под мотото „Првиот никогаш не се заборава“, ќе се одржува од 3 до 12 октомври. Официјалниот дел на фестивалот е од 5 до 10 октомври и ќе биде отворен со дебитантскиот игран филм на Јани Бојаџи, „Ругање на Христос“, што ќе биде и негова македонска премиера по светската во Монтреал.

Тој е меѓу осумте филма во трка за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири, а покрај него во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу.

Селекторот Игор Анѓелков вели дека било возбудливо да се погледне во најновата светска кинематографија, но и тешко да се направи избор поради плодната продукција и затоа што, рече, има многу дебитанти што храбро влегуваат во своите први или втори остварувања и обработуваат теми на свој начин.

Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, истакна дека концептот на фестивалот е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти што се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени настрана, а нивните автори третирани како неподобни.