1001 книга што мора да ги прочитате

Автор: Ралф Елисон (1914-1994)
Прва објава: 1952 г.,
„Рандом хаус“, Њујорк
Награда: „Нешнал бук авард“, 1953 г.

Еден од најзначајните романи на 20 век! Ралф Елисон важи за еден од најневообичаените феномени во американската литература, бидејќи целата неговата работа се состои од само една книга што беше многу фалена од критичарите (постхумно објавените романи и збирки есеи не се вклучени овде). Станува збор за романот „Невидливиот човек“ (1952 г.), приказна за гротескни, разочарувачки искуства на црнец што живее под земја, во дупка осветлена со електрична енергија што притоа е украдена. Текстот исто така е проткаен со силни меѓурасни теми – метафората за „невидливост“ укажува на луѓето што заслепени од предрасуди не го гледаат човекот таков каков што е. Романот е бисер на американската литература што го осудува американското општество од средината на 20 век, кое на своите граѓани не им нуди трајни идеали.

– Книгата укажува на парадоксот дека колку и да биле видливи црнците како расна група, како поединци, тие биле целосно невидливи во секојдневното функционирање на општеството во одреден период од американската историја. Во времето на објавувањето, романот одекна силно во американското општество, каде што се роди граѓанското движење на Афроамериканците, додека во исто време имаше оази на расна сегрегација и нетолеранција. Романот беше крунисан со Националната книжевна награда во 1953 година и се смета за еден од најважните американски романи на 20 век – напиша престижниот магазин „Тајм“.

Романот со своите високи книжевно-естетски вредности ги надминува овие потесни рамки и се вбројува меѓу најважните и највлијателни романи создадени и објавени во САД во 20 век. Недвосмислена потврда за ова се позитивните критички одгласи што се појавуваат непосредно по издавањето на романот и многубројните книжевни студии и анализи посветени на ова дело, објавени во изминативе децении, како и неколку рангирања на најзначајните романи од англиското јазично подрачје во кои е вклучен и „Невидливиот човек“, како што се листите на 100 најдобри романи на англиски јазик во 20 век на американската издавачка куќа „Модерн лајбрари“, потоа листата „100 најдобри романи на англиски јазик од 1923 до 2005“ на влијателното њујоршко неделно списание „Тајм“ и др.