„Медена земја“ деновиве во САД доби неколку нови престижни награди за најдобар документарец и за кинематографија. Тимот на македонскиот документарец ја прими наградата за најдобар документарен филм, што ја доделува најпрестижното Здружение на филмски критичари во Америка. На гала-вечерта, која се одржа на 7 јануари, тимот на „Медена земја“ ја делеше бината со светските легенди на филмот: Квентин Тарантино, Бред Пит, Мартин Скорсезе, Роберт де Ниро, Џо Пеши, Алек Болдвин, Стив Бушеми, Спајк Ли, Антонио Бандерас, Рис Витерспун, Лора Дерн и други.

Режисерот Љубомир Стефанов во својот говор му се заблагодари на здружението и ја поздрави легендарната Ејми Таубин, 80-годишната влијателна критичарка, која пишува од времето на Енди Ворхол. Таа е авторка на една од најубавите рецензии за „Медена земја“ – со наслов „Рој и нежност“, која беше објавена во „Артфорум“.

Режисерката Тамара Котевска, пак, потсети колку се чини нереално да се добие ова признание и да се биде меѓу сите славни имиња по четири години поминати во шатори во Бекирлија. Таа рече и дека по сево ова тимот на филмот повторно би влегол во иста таква авантура и им порача на колегите документаристи да го сторат истото тоа, бидејќи играниот филм секогаш ќе добива инспирација од документаризмот.
Членови на најстарото здружение од овој тип, кое годинава по 85. пат доделува награди, се критичарите од: „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“, „Индивајр“, „Ролинг стоун “, „Варајети“, „Венити фер “, „Артфорум “ и други.

Режисерите Котевска и Стефанов, исто така, се номинирани за наградите што ги доделува Унијата на режисери на Америка, а се сметаат за особено значајни предвесници на оскаровската трка.