Античката приказна за Преспа ќе се открива и во иднина, истакнуваат од Археолошкиот музеј со напомена дека локалитетот Гимбабица и Преспанскиот Регион го заслужуваат тоа

Во рамките на третата сезона од систематските археолошки истражувања на античкиот локалитет Гимбабица е откриено исклучително погребување. Локалитетот, кој повторно е актуализиран по 65 години, се наоѓа во близината на преспанското село Избишта, а истражувањата завршени неодамна, под раководство на Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија, ги реализираа и археолозите Илија Бошковски и Вангел Иванов.
– Покрај вредните сознанија за карактерот на некрополата и погребните обичаи, оваа година за истакнување е откривањето на исклучително погребување на машки покојник, кој веројатно имал посебно место во општествениот живот во хеленистичкиот период во овој регион. Тоа го заклучивме од импресивната гробна архитектура во која бил погребан, како и од фактот дека во пределот на десната рака откривме два прстена, појава што е ретка не само за некрополата туку и пошироко за овој период – посочуваат археолозите.

Кај месноста Гимбабица во 1953 година по стручен увид на археологот Васил Лахтов биле откриени остатоци од неколку гроба од 3 век. Точно лоциран и хронолошки потврден, истоимениот локалитет почнал повторно да се истражува во 2018 година со првична цел да се откријат податоци за начинот на живот на старите Преспанци, бидејќи, според археолозите, оваа раноантичка некропола е позната и како вечно почивалиште на воини, дами и металурзи што живееле пред повеќе од 2.300 години.
Лани, во рамките на втората кампања, фокусот на истражувањето бил насочен кон добивање повеќе информации за ширењето и организацијата на некрополата, за погребниот ритуал и одликите на материјалната култура. Со истражувањата е утврдено и дека некропола е постара и дека некои гробови датираат од 4 век пр. н.е. Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура.
– Античката приказна за Преспа ќе се открива и во иднина – истакнуваат од Археолошкиот музеј со напомена дека локалитетот Гимбабица и Преспанскиот Регион го заслужуваат тоа.