Предворјето на црквата „Света Софија“ синоќа беше совршениот амбиент за настап на дуото „Австрија“, Тимна Брауер, вокал и гитара и клавијатуристот Елијас Меири.

Двајцата австриски уметници со израелско потекло на публиката ѝ доловија еврејска музика, но и дел од традиционалната музика на Евреите. За нивната изведба беа наградени со долги овации, но ги примаа и честитките на посетителите по завршувањето на концертот.

Тимна Брауер која магистрирала музикологија на престижната Сорбона во Париз, вели дека првпат настапува во Охрид и на „Охридско лето“ и е задоволна од флуидот што го воспостави дуото синоќа со посетителите на фестивалот.

– Моите импресии се огромни, особено кога настапувам на место кадешто никогаш досега не сум била. Ме радува што имав прилика да ги пренесам мојата енергија и чувствата на публиката. Кога настапуваме во Источна Европа, го чувствуваме близок регионот бидејќи балканската и еврејската музика има многу слични работи. Тоа ме прави овде да се чувствувам како да сум дома иако настапив првпат. Ја почувствував цврстата врска со публиката – вели Брауер.

Најголемиот дел од композициите беа изведени на еврејски јазик, но се пееше и на јудаитско-еврејски јазик којшто е карактеристичен за Евреите што живеат во Европа.

Изведовме традиционална еврејска музика, но не само европска еврејска музика, туку и ориентална еврејска. Она што е за одбележување, е што земаме фолклорни елементи и ги преработуваме, посебно со пијанистот Елиот кој е џез музичар и правиме добра обработка на делата – додава Брауер.

Дуото „Австрија“ е формирано во 1985 година и досега настапувале на концертните сцени ширум целиот свет. Изведуваат светска музика, шансони, детски концерти но, пред сѐ еврејска музика со целиот нејзин раскош и разновидност. Нивниот последен заеднички проект е ЦД-то со наслов „Песни за мир“ издадено од Дојче Грамофон во 2015 година.

Концертот на дуото „Австрија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ беше поддржан од Австриската амбасада во Република Македонија, а на него присуствуваше и австриската амбасадорка Ренате Коблер.